„Дотерај го Скопје“ е проект за подигнување на свеста за потребата од поголемо урбано зеленило во градот. Преку директни акции и медиумска промоција, проектот истовремено го практикува тоа што го проповеда, но и ги охрабрува граѓаните по сопствена иницијатива да ги направат промените кои сакаат да ги видат пред својот двор.

Како дел од „Дотерај го Скопје“, беше објавен конкурс за соработка и снимање на спотови за пет бендови и музичари кои ја делат визијата за поурбано, позгрижено и позелено Скопје. Овде можете да ги чуете одбраните песни и бендови. Овие музичари ќе настапат и на фестивалот „Дотерај го Скопје“, кој ќе се оддржува од 1ви до 4ти септември, во Јавна Соба, во Скопје.

За да ги видите спотовите штом ќе бидат објавени, следете не на : https://www.facebook.com/doterajgoskopje

За бендовите:

  1. Mammoth & Yashem прави урбана музика со приказна, совршена за размислување и патување со умот некаде далеку. Како, на пример, оваа песна, за која наскоро ќе го објавиме и спотот.
  2. Цврст во своите ставови и одлучен во својот уметнички пристап, Александар Пешевски создава  комплексни пораки од навидум едноставни мелодии. Со Rise Up не повикува сите да бидеме похрабри и да имаме малку повеќе самодоверба.
  3. Minstrells Gallery е рок група, која твори во стилот на King Diamond, Jethro Tull и останатите великани на жанрот кои наоѓаат инспирација во седумтесетите и осумдесетите години од минатиот век.  Располагаат со богата инструментација, сложени мелодии и темпа, и песни кои остануваат  во глава долго време по првото слушање. In the Shadow of a Mountain, од нивниот албум Ignorance Leads to Ruin, е одличен пример за тоа.
  4. Fierce свират џез со комотност на искусни професионалци, и покрај тоа што се релативно млад бенд. Под својот појас веќе имаат повеќе настапи на музички фестивали  и настани во и вон Македонија.
  5. Флека е  заеднички проект на повеќе музичари со шарено, богато портфолио на чело со Тони Зен и Петар Голуб како „гласовите“ на бендот. Решивме да снимиме спот токму за Вентил, бидејќи говори за Скопје, неговите проблеми и предизвици, без влакна на јазикот.